Рурален претприемнички екосистем

Руралното стопанство било со векови јадрото на нашето општество. Земјоделецот бил снаодлив и способен да извлече максимум од своето окружување, претворајќи ги долго воспоставуваните практики во традиционално земјоделство. Пренесувањето на овие практики на следните генерации довело до конзерватизам, вграден во начинот на работа кај семејните фарми. Ова држење до навиките помагало да се изгради чувството на безбедност, иако однесувањето на поединците е мотивирано од неизвесност и несогласување меѓу припадниците на истата заедница. Оваа појава е забележана  од страна на проучувачите на традиционалното земјоделство, ширум светот.

Но, исто така е забележано дека, отстапувањето од воспоставената рутина кај поединци само ја зајакнувало руралната заедница. Ова е клучна карактеристика на традиционалното земјоделство затоа што ја илустрира можноста на земјоделците да учат и да се прилагодат на различни услови. Способноста за учење може да помогне во традиционалното земјоделство кон усвојување на општите претприемачки способности со што закостените традиции неосетно се придвижуваат и надоградуваат. 

Затоа, за развој на земјоделството во руралните области, нема потреба да се отфрлаат воспоставените традиции. Напротив, има потреба да се капитализира од знаењата кои ги носат овие традиции и истите да се интегрираат во континуирано развивање на современи земјоделски практики.    

Трендовите  на економиите во развој и глобализацијата го променија окружувањето од кое зависеше традиционалното земјоделство. Новите околности бараат современи решенија за поттикнување на земјоделското претприемништво и креативност преку организирано подобрување на руралното окружување. Едно од најновите решенија е концептот на рурални претприемачки екосистеми.

 

 

Што се тоа претприемачки или бизнис екосистеми?

Секаде, кадешто во природата буи животот, ќе откриете природно единство во кое заемните односи меѓу живите суштества и нивната животна средина формираат добро избалансиран екосистем.

Истата аналогија ќе ја најдете и во општествените заедници чиiшто развој и напредок зависи од заемните односи помеѓу стопанските единки и претприемничкото окружување.

Бизнис екосистемот им овозможува на претприемачите брзо и ефикасно да го најдат она што им треба во секоја фаза на нивниот развој. Добро избалансираниот бизнис екосистем овозможува брз проток на стручни кадри, информации и ресурси кои им требаат на поединечните единки во системот, со што целината станува поголема од збирот на своите делови.

Бизнис екосистемот е простор за соработка и отворена комуникација помеѓу мрежите на претприемачи и организаторите на заедницата, стопанските комори и професионалните организации, научите и технолошките институти, деловните инкубатори и непрофитните здруженија. Тој создава поврзаност помеѓу поединците, услугите и можностите. Оваа невидлива социјална инфраструктура го поддржува растот на начин што се разликува од традиционалната, формална инфраструктура.

Додека физичката инфраструктура обезбедува основа врз која економијата може да се развие и да расте, претприемачкиот екосистем обезбедува креативно опкружување во кое може да напредува иновацијата и инспирацијата.

Еден добар претприемачки екосистем им овозможува на своите учесниците да ги искористат плодовите и придобивките на системот, од што локалната зедница на која тој екосистем припаѓа буи и просперира.

Во исто време, претприемачките екосистеми ги збогатуваат локалните заедници нудејќи нови производи, услуги и создавање работни места. Во рамките на успешниот претприемачки екосистем, таа можност за раст може да има мултипликаторски ефект што се зголемува експоненцијално.

Концептот на претприемнички екосистем е новина која ја поддржуваат многу национални политики со цел да го поттикнат развојот на периферните и недоразвиени региони. Но, факт е дека тој опстојува најчесто во урбаните средини. Неговото заживување во руралните средини бара препознавање на индивидуалните карактеристики на секоја таква средина.

 

Потреба од претприемачки екосистеми во руралните средини

Очигледно, претприемачкиот екосистем кој е насочен кон развојот на руралните средини е рурален претприемачки екосистем. За разбирање на неговите карактеристики најпрвин треба да се осврнеме на причините кои доведоа до потребата од развивање на овој систем.

Имено, последниот век доведе до стандардизација и автоматизација на земјоделското производство, што понатака предизвика индустријализација на земјоделството. Тој процес им даде компаративна предност на големите компании изградени на масовно, линиско производство на се поголеми и поголеми количества на земјоделски продукти.

Нормално, тоа ја намали конкурентноста на малите бизниси, што на крајот влијаеше врз структурата на руралната економија. Таа станува се помалку претприемачка, помалку изградена врз принципите на прилагодување кон природните услови и повеќе потпрена  врз несоодветната употреба на земјоделски технологии коишто овозможуваат перформансите на земјоделското земјоделско производство да дадат поголема профитабилност.

Од друга страна конзумното искуство од традиционално произведените земјоделски продукти и оние од индустријализираниот начин се неспоредливи. Ова од причини што традиционалното, природно производство е трансформираво во вештачко производство. Вештачкото производство се одвива во контролирани, но неприродни услови чија основна цел е да ги намалат  традиционалните ризици во секторот и да ја осигуруваат профитабилноста на производителот.

Преовладувањето на индустрискиот пристап во земјоделското производство на крај доведе до широко распространета употреба на заменски производи наместо природна храна. А, конзументот на заменската храна е почесто информиран колку е таа безопасна, отколку колку е хранлива и подобна за неговото долгорочно здравје.

 

Одржливост на руралните средини со здрави  претприемачки екосистеми

Расцепот помеѓу профитабилното индустриското и традиционалното  земјоделско производство подеднакво опасно влијание врз природното окружување, врз животот во руралните средини и долгорочното здравје на крајните конзументи.

Но, овој расцеп би можел да биде надминат доколку нефункционалните претприемачки екосистеми во руралните средини би заживеале и би станале фактор во општиот економски развојот.

Оваа суштинска промена настанува кога во екосистемот се „доселуваат“ нови учесници. Овие учесници би овозможиле иновативен пристап кон агро-технологијата заради нејзино прилагодување кон традиционалните рурални практики.

Со пристигнувањето на новите членови, во руралниот биснис екосистемот се отвора простор/потреба за “други“ нови учесници кои ќе создадат креативни решенија за пристап до пазарите, за мобилност на работната сила, за брз проток на информации, за заштеди во традиционалните трошоци…

Притоа, во секоја рурална средина би се развил специфичен бизнис екосистем кој се прилагодил на пројавената посебност на територијата, претприемничкото знаење и социо-економските прилики.

Заедничко за сите екосистеми на рурално претприемништво би било следното: иновативните процеси да произлегуваат и да бидат усмерени кон самиот рурален бизнис екосистем, како негова составна сила и дел од руралната средина. Ваквиот пристап ги мотивира единките надлежни за истражување и иновативност да станат внатршен елемент на руралниот претприемачки екосистем кадешто основниот двигател на креативноста се уникатните одлики на руралната средина и акумулираните традиционални земјоделски практики.

Кратко речено, руралниот претприемачки екосистем е заокружена целина каде што секоја единка се грижи за сопствената благосостојба, црпејки од внатрешните ресурси на системот и придонесувајќи во нивниот раст.

Еднаш воспоставениот рурален бизнис екосистем станува одржлив бидејќи исплатливоста од тоа да се биде негов составен дел е подолгорочна од краткорочната профитабилност на индивидуалната надмоќ. Секоја единка на овој екосистем го верификува ова сознание преку валоризација на сопствениот просперитет и така станува фактор на неговата одржливост.

Секоја асоцијација со конзервативизмот на традиционалното земјоделство е оправдана, бидејќи суштината на руралниот конзервативизам лежи во одржливоста, а не  непроменливоста на рутините  кои се исплатливи за руралната заедница.

© 2020 Odikon Consultants